Заразните болести стануваат почести и поразорни, предупредуваат експертите

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Светот станува сè помалку отпорен на појавата на заразни болести, предупредуваат експерти, додека здравствените власти во Демократска Република Конго и Уганда се обидуваат да го стават под контрола новиот бран на ебола.

Во извештај објавен во понеделникот, Глобалниот одбор за следење на подготвеноста (GPMB) оцени дека „епидемиите на заразни болести стануваат не само почести, туку и поразорни“, додавајќи дека ризикот од пандемии расте побрзо од инвестициите во подготвеност и дека „светот сè уште не е значително побезбеден“.

Според извештајот, климатските промени и вооружените конфликти ја зголемуваат веројатноста за појава на нови епидемии, додека геополитичките поделби и комерцијалните интереси ја поткопуваат меѓународната соработка.

GPMB е група експерти формирана во 2018 година од Светската банка и Светската здравствена организација (СЗО), по големата епидемија на ебола во Западна Африка и непосредно пред пандемијата на Ковид-19. Новите предупредувања доаѓаат во време кога светското внимание е насочено кон појавата на хантавирус на крузер и по прогласувањето меѓународна здравствена вонредна состојба поради најмалку 87 смртни случаи од ебола во ДР Конго.

Генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус, изјави дека овие епидемии се „само најновите кризи во нашиот турбулентен свет“.

Претставничката на СЗО во ДР Конго, Ана Ансија, за „Ројтерс“ изјави дека организацијата ги испразнила резервите на заштитна опрема во главниот град Киншаса и подготвува авион со дополнителни залихи од Кенија. Хуманитарните организации International Rescue Committee и Médecins Sans Frontières исто така испратиле тимови на терен.

Професорот Метју Кавана од Универзитетот Џорџтаун предупреди дека намалувањето на меѓународната помош можеби придонело светот да „брка чекор“ со опасниот вирус.

„Бидејќи првичните тестови бараа погрешен сој на ебола, добивме лажно негативни резултати и изгубивме недели во реакцијата. До моментот кога беше вклучен алармот, вирусот веќе се движеше по главните транспортни рути и ги премина границите“, рече тој.

Кавана додаде дека кратењето на средствата за СЗО и укинувањето на програмите на USAID го ослабнале системот за рано откривање на ваквите закани.

Во извештајот се наведува дека новите технологии, вклучително и mRNA вакцините, напредувале со „невидена брзина“, а милијарди долари биле вложени во подготовка за пандемии. Сепак, светот назадува во обезбедувањето еднаков пристап до вакцини, тестови и терапии.

Како пример се наведува епидемијата на mpox, при која на африканските земји им биле потребни речиси две години за да добијат вакцини – подолго отколку што било потребно за дистрибуција на вакцините против Ковид-19.

GPMB предупредува и дека епидемиите ја нарушиле довербата во владите, граѓанските слободи и демократските институции, особено поради политизирани реакции и напади врз научните институции.

Ко-претседателката на GPMB и поранешна претседателка на Хрватска, Колинда Грабар-Китаровиќ, изјави дека светот не страда од недостаток на решенија, туку од недостиг на доверба и еднаквост.

„Политичките лидери, индустријата и граѓанското општество сè уште можат да ја променат насоката на глобалната подготвеност – ако своите ветувања ги претворат во конкретен напредок пред следната криза“, рече таа.

Земјите, пак, не успеаја навреме да постигнат договор за глобалниот пандемиски договор пред Светското здравствено собрание во Женева, поради несогласувања околу пристапот до вакцини, тестови и третмани во замена за споделување информации за нови патогени.

GPMB ги повика светските лидери да воспостават независен механизам за следење на пандемиските ризици, да го финализираат пандемискиот договор и да обезбедат стабилно финансирање за подготвеност и брза реакција при идни епидемии.

„Ако довербата и соработката продолжат да се распаѓаат, секоја земја ќе биде уште поизложена кога ќе удри следната пандемија“, предупреди Џој Фумапхи, ко-претседателка на GPMB и поранешна министерка за здравство на Боцвана.