Затворениците се жалат додека властите тврдат дека хигиената во затворите е на ниво. Директорите на двата казнено-поправни домови во Скопје велат дека се придржуваат до препораките за дезинфекција и заштита од коронавирусот.
„Го подигнавме нивото на хигиена во сите простории во затворот, на влезовите, внатре, насекаде. Преку ден неколку пати ги дезинфицираме сите простории во затворот, од ходници, соби, се по ред“, вели Садуш Арифи.
Од друга страна, еден затвореник од Идризово кого го контактираше ТВ21, го тврди спротивното.
„Состојбата во затворот Идризово да кажам право е катастрофа. Еден ден читавме на еден портал каде директорот даде изјава дека состојбата во затворот Идризово е многу добра, дека се прави дезинфекција на ходниците, собите, секој ден, што воопшто не е точно. Тука немаме ниту лекарски тим да дојде да ги прегледа затворениците дали се или не се заразени“, вели затвореник.
Меѓутоа како затворениците така и директорите тврдат дека одморите и посетите во затворот се забранети.
„Забранивме излез и дневен и за викенд, како и одмори. Истовремено ги забранивме посетите и за тие во притвор и за затворениците“, вели Боби Мојсоски.
Што се однесува до затворската полиција, Мојсоски и Арифи велат дека се опремени со заштитни маски и се прави дезинфекција и мерење температура секој ден кога доаѓаат на работа. Пред неколку дена, затвореници во Идризово до управат на затворот, поради состојбата со вирусот, побарале олеснување на казните или намалување на истите. Директорот Мојсоски за ТВ21 вели дека овие барања ги испратил до повисоките органи и очекува одговор.
