Изградбата на втората фаза од железничката пруга Бељаковце–Крива Паланка, дел од источниот крак на Коридор 8, се одвива со засилена динамика, информира директорот на ЈП Железници Инфраструктура, Синиша Ивановски.
Според неговата објава, на делницата долга 34 километри досега е реализиран прогрес од околу 35 проценти од планираните работи, при што е забележано зголемување на интензитетот на градежните активности.
Паралелно, веќе е објавен јавен повик за избор на надзор за третата делница од Крива Паланка до границата со Бугарија. Од Министерство за транспорт најавуваат дека во текот на следниот месец се очекува да биде распишан и меѓународен тендер за избор на изведувач за оваа траса.
Од ресорното министерство посочуваат дека со овие активности Владата ја потврдува својата стратегиска определба за изградба на Коридор 8, кој се смета за значаен економски и безбедносен правец за земјава и регионот.
