Засилени контроли на цените и маржите на ѓубривата: Инспекторатот со мерки до крајот на мај

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Државниот пазарен инспекторат ја информира јавноста дека, во согласност со одлуките на Владата на Република Северна Македонија донесени со цел ублажување на економските последици и заштита на домашното земјоделско производство, ќе врши засилени инспекциски контроли на пазарот на ѓубрива.

Контролите ќе бидат насочени кон доследна примена на утврдените мерки, и тоа:

• Како највисоки цени на залихите во трговијата на големо на неоргански ѓубрива се утврдуваат цените што се применувале во трговијата на големо на 15 април 2026 година, намалени за 10 %;

• Се ограничува највисоката бруто-профитна маржа во трговијата на големо и мало на неорганските ѓубрива до 5 %;

• Се ограничува највисоката бруто-профитна маржа во трговијата на големо и мало на органските ѓубрива, органо-минералните ѓубрива, биостимулаторите и подобрувачите на својствата на почвата до 10 %.

Дополнително, се воведува обврска за континуирано снабдување на пазарот со вештачки ѓубрива. Трговците на мало се должни месечно да обезбедуваат и продаваат најмалку 70% од просечната количина што ја набавиле во 2026 година, додека трговците на големо се обврзуваат да ги снабдуваат трговците на мало со најмалку 70% од просечно продадените количини.

Одлуките ќе се применуваат заклучно со 31.05.2026 година.

Државниот пазарен инспекторат ќе постапува по сите утврдени неправилности и ќе изрекува соодветни мерки и санкции согласно со законските надлежности.

Апелираме до сите економски оператори во големопродажба и малопродажба да постапуваат во согласност со донесените одлуки, со цел обезбедување фер пазарни услови и заштита на интересите на земјоделците и граѓаните.

Државниот пазарен инспекторат останува посветен на доследна примена на законите и заштита на економската стабилност.