Засилени контроли за цените на училишниот прибор: Трговците мора да ги намалат цените

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Државниот пазарен инспекторат започна со засилени контроли кај трговците со цел да провери дали се почитува владината одлука за намалување на цените на училишниот прибор.

Според одлуката, трговците на големо треба да ги намалат цените на опфатените производи за најмалку 10 отсто, додека во трговијата на мало намалувањето треба да изнесува најмалку 15 отсто. Мерката се применува од 25 август до 30 септември 2026 година.

Највисоките цени на производите се утврдуваат според цените што важеле на 1 јуни 2026 година, при што не се земаат предвид цените во акциска продажба.

Мерката се однесува на специјализираните продавници за училишен прибор, продавниците за спортска опрема кои продаваат ранци и ташни, како и на сите трговци на мало кои во својот асортиман имаат училишен прибор.

Трговците се обврзани производите на полиците јасно да ги означат со натписот „помалку трошоци, повеќе за тебе“, како и да ја прикажат претходната продажна цена и новата намалена цена.

За производите набавени по 1 јуни, највисоката цена се утврдува врз основа на евидентираните цени во материјалната евиденција кај трговците на големо, односно во приемниот лист кај трговците на мало. И во овие случаи намалувањето треба да биде најмалку 10 отсто на големо и 15 отсто на мало.

Од Државниот пазарен инспекторат информираат дека инспекциските тимови во наредниот период ќе вршат контроли на правни субјекти на целата територија на државата.

За непочитување на законските одредби се предвидени глоби од 500 до 10.000 евра, зависно од големината на трговскиот субјект. За целосно непочитување на владината одлука може да биде изречена и мерка привремена забрана за вршење дејност во траење од 15 дена.

ДПИ апелира до трговците да ги почитуваат мерките и да обезбедат навремено и јасно означување на намалените цени.

Граѓаните кои ќе забележат неправилности или непочитување на одлуката можат да пријават на телефонскиот број 191 или преку веб-страницата на Државниот пазарен инспекторат.