Комисијата за заразни болести се реформатира, со тоа што и се приклучуваат и други членови. Новиот експертски состав утре ќе ја одржи првата седница. Оваа иницијатива ја презеде министерот за здравство, Беким Сали кој на Фејсбук покани познати професори да и се приклучат на КЗБ. Станува збор за др. Никола Пановски, др. Драган Даниловски и др. Вело Марковски кои сè уште не дале одговор бидејќи, како што велат, чекаат официјална покана. Министерот Сали не прецизираше колку членови ќе брои комисијата, но рече дека е важен е квалитетот на составот, додавајќи дека на комисијата ќе и се приклучат и албански претставници.
„Некои експерти се поканети преку институциите, некои јавно, како вчерашниот случај а некои директно. Нема протокол или начин како да му се обратите некому или да поканите за да се соочиме заедно со пандемијата. Имаме позитивен одговор од многу експерти и наскоро во текот на утрешниот ден ќе ја имаме и првата средба со новиот состав на комисијата“, рече Сали.
На прашањето дали смета дека МЗ треба да предложи укинување на мерката за сертификатите за вакцина при влез во гастрономските објекти, Сали рече д ека нема да го стори тоа. Тој апелира до граѓаните кои не се вакцинирани, да не злоупотребуваат туѓи сертификати.
„Фалсификувањето документ носи кривична одговорност, сега за сега важат сите мерки кои се одредени изминатиов период и сè уште се активни тие мерки, нека биде ова апел до сите тие кои експериментираат и влегуваат во угостителски објекти, ресторани или трговски центри, да не злоупотребуваат туѓи сертификати бидејќи можат да заработат кривична пријава.КЗБ е советодавен орган, в о чиј состав влегуваат здравствени експерти кои предлагаат ефикасни мерки во борбата со пандемијата согласно епидемиолошката состојба, рече Сали.
