Претседателот на Собранието, Африм Гаши, на приемот по повод 8 Септември – Денот на независноста, порача дека 35 години независност се доволни за да се согледа дека државноста не се гради само со политички акт, туку секојдневно преку функционални институции, закони, економија, образование, правда и доверба кај граѓаните.
Гаши потсети дека независноста во 1991 година е постигната по мирен пат, во сложен период на распаѓање на Југославија и големи политички и економски промени. Тој нагласи дека изминатите 35 години донеле и успеси и кризи, институционални промени и економски предизвици, но и голем број граѓани кои ја напуштиле земјата.
Според него, Северна Македонија треба да ја гради иднината како држава на функционални институции, еднаквост пред законите и заедничка европска перспектива, во која различностите ќе бидат предност, а не пречка.
Гаши посочи и дека е неопходно да се создадат услови младите да останат во земјата, преку подобро образование, вработување, здравство, домување и квалитет на живот.
„Имаме различни јазици, култури, традиции и политички убедувања, но имаме една заедничка држава“, порача Гаши, повикувајќи на повеќе одговорност, доверба и работа во градењето на нејзината иднина.
