Три илјади и шестотини хектари земјиште во горниот полошки регион се во опасност да останат без вода за наводнување поради затворањето на дел од каналот во гостиварската населба Малеарди.
Плашејќи се дека нивните земјишта ќе останат без вода, земјоделците од 14 села, од Равен до Пирок, се собраа пред подрачната единица за води барајќи да се отвори каналот.
-Земјиштето и онака не се работи како што треба, но сега ќе остане неплодно бидејќи водата е клучна за тоа. Лани не добија ниту едно зрно пченка од нивата. Нема смисла целиот овој дел од државата да остане без храна. Ова е 100 отсто штетно за земјата, Шара има еден поток за наводнување, но нашето село нема капка вода, Чегране нема. Ова е единствениот канал што го наводнува горен Полог, друг нема, вели земјоделец.
Од Подрачната единица за води во Гостивар велат дека за ваквото затворање ги известиле општина Гостивар и Министерството за земјоделство, но засега проблемот не е решен и каналот и понатаму останува затворен.
Од општина Гостивар во писмен одговор велат дека каналот е затворен бидејќи претставувал опасност за жителите од населбата.
Целиот проблем започна во септември кога беше пријавена штетата и оттогаш случајот е во тек кај надлежните органи. Доколку проблемот не се реши, земјоделците најавија дека протестите ќе продолжат и пред другите органи.
