Завршени 8% од проектите на општините – потрошени само 4 од 77 милиони евра за патишта, водоводи, канализации…

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Општините реализирале само 8% од проектите или искористиле околу 4 милиони од вкупно 77 милиони евра од парите наменети за изградба на патишта, водоводи, канализации и локална инфраструктура. И покрај слабата реализација на проектите од првиот повик, заменик министерот за финансии Николче Јанкуловски е оптимист. Во емисијата Бизнис 21 рече дека очекува голем дел од проектите да се реализираат до изборите.

Јанкуловски: Од предвидените за 2024 околу 100 милиони вредноста на проектите кои се аплицирани и беа прифатени од страна на Министерство за локална самоуправа беа околу 77 милиони евра за таа намена. Од нив се околу 254 милиони денари искористени до овој момент, но не радува фактот што…

Тоа се колку проценти од 75-те милиони евра, се искористените?

„Па околу 8%“

Првиот повик со кој Владата планираше да распредели 100 милиони евра беше објавен во септември. Се намали на околу 75 милиони, а договорите се потпишаа на крајот на октомври. Од 251 потпишан договор, до сега целосно се завршени само 30 проекти.

И додека се финализира и вториот повик за распределба на 250 милиони евра од унгарскиот кредит за општините, Јанкуловски убедува дека изборите нема да бидат пречка за завршување на проектите. Убеден е и дека ќе се подобри реализацијата на капиталните расходи. За 4 месеци се реализирани се околу 14% од предвидените 768 милиони евра за капитални проекти. Тој потврдува дека постои опцијата за прераспределба со ребалансот на буџетот.

Јанкуловски: „Онаму каде ќе има застој мора да се излези пред граѓаните да се кажи зошто одредени проекти не се движат со таа динамика или зошто сме ги пренамениле средствата за некоја друга, други проекти“

Значи можноста пренамена со ребалансот на буџетот сепак ни е опција некоја, така, како секогаш?

Јанкуловски: „Така е да, секојпат постои, секојпат постои“.

Дека бевте, цврсто.. уверувавте дека до денар ќе се потрошат сите пари наменети за капитални инвестиции

Јанкуловски: „Во економијата 100 процентна реализација, но она каде што ќе се јави проблем мора да се објасни зошто“

Министерот Перински денеска пак информираше дека сите 80 општини поднеле апликации за вториот повик за 250-те милиони евра од унгарскиот кредит.

„Ние како влада сме презадоволни навистина  од она што како фидбек го добивме од нивна страна. И самите бројки впрочем говорат за тоа. Околу 1.200 проекти  навистина се импозантна бројка, што за многу кратко време ќе го видат светлото на денот“, вели Златко Перински.

Премиерот Мицкоски заедно со министрите денеска во Кавадарци посети дел од проектите кои се финансирани токму со парите од унгарскиот кредит.