Завршени се над 65 отсто од работите за реконструкција и проширување на Охридскиот аеродром

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Министерот за транспорт и заменик-претседател на Владата, Александар Николоски, заедно со генералниот директор на ТАВ Македонија, Неџат Курт, денеска извршија увид во градежните работи за проширување и модернизација на аеродромот „Свети Апостол Павле“ во Охрид, пренесува ТВ21.

Според надлежните, реализирани се повеќе од 65 отсто од предвидените работи, а проектот вреден 2,7 милиони евра предвидува дополнителни 4.500 квадратни метри функционален простор со цел подобрување на условите за патниците и вработените.

„Реконструкцијата и проширувањето на Охридскиот аеродром е нешто што долго време му недостигаше на овој аеродром и конечно станува реалност. По околу два месеца ќе имаме аеродром кој ќе изгледа како да е изграден вчера, со целосно ново решение, проширен терминал и поголеми простории за пристигнување и заминување на патниците, што ќе донесе значителен економски поттик.

Ако на тоа се додаде и автопатот Охрид–Кичево, чиј дел што води кон аеродромот веќе е завршен, а наскоро ќе бидат пуштени во употреба и нови делници, тоа ќе значи целосна преродба на целиот регион“, изјави Николоски.