„Збунети се и дезориентирани“ – Касами за реакциите на опозициската ДУИ, не очекува протест

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

По формирањето на новата Влада и заминувањето на ДУИ во опозиција, граѓаните забележуваат промена, вели првиот човек на Движењето Беса, дел од коалицијата ВРЕДИ, Биљал Касами. Поканет во Дејли клик, Касами вели дека имаат договор со премиерот Мицкоски Владата да ги третира сите граѓани еднакво, без разлика на нивната етничка и политичка припадност. Касами ја гледа ДУИ во опозицијата како дезориентирана и збунета. Запрашан дали очекуваат протести од Европскиот фронт за заштита на легитимитетот, тој вели дека тие имаат повеќе инстинктивни, а не усогласени реакции.

„Јас кажувам, истакнувам, ќе го поддржам тоа што го кажа г. Меџити. Граѓаните треба да бидат мирни, бидејќи ДУИ нема политичка и организациона потенција, уште помалку идеолошка врз која би организиарала протести. Јас ги гледам дека се збунети, гледам дека нивните реакции се повеќе инстиктивни отколку добро смислени и системирани реакции“, вели Биљал Касами.

За средбата што ја свика ДУИ во сабота во Гостивар, Касами вели дека ќе се соберат да видат колку ги има. Според него, членовите на ДУИ одат кај партиите од коалицијата ВРЕДИ.

„Ценам дека ДУИ е дезориентирана, повеќе е ориентирана околу хомогеноста во своите редови. Во оваа насока ја гледам и саботната средба во Гостивар. Еден пријател на шега ми рече, дали свикале состанок да видат дали ги имаат на број, затоа што секојдневно добиваме информации дека луѓето си заминуваат, гледаме дека тоа е партиска организација, а не коалиција. Како што изгледа сега, полека луѓето кои се членови или дел од коалициските структури на нивниот фронт се распуштаат и почнуваат комуникации со владините партии“, додаде Биљал Касами.

Запрашан дали се уште постои можност за евентуален трансфер на пратеници од Европскиот фронт во новото парламентарно мнозинство, Касами посочи дека комуникацијата продолжува.

„Продолжува да има секојдневна комуникација меѓу пратениците на Европскиот фронт и Владата“.

– Зборуваме за неалбанските партии, Бејџан Иљас или Сали Мурат?

„Да, генерално зборувам како дел од опозицијата и од Владата, овие движења имало и во минатото, ќе има и во иднина. Тоа е затоа што има пратеници кои веруваат дека можат подобро да им служат на своите гласачи, како што рекоа во минатото, со тоа што се дел од Владата отколку да се дел од опозицијата“.

Касами нагласува дека разговорите за влез на пратениците од опозицијата во парламентарното мнозинство ќе се интензивираат кога ќе има потреба да се носат закони со двотретинско мнозинство во Собранието.