Неколку лекари и здравствени работници од Клиничкиот центар ги напуштија своите работни места и излегоа за да го изразат своето незадоволство поради доцнењето на платите. Велат дека поминал и законскиот рок, а плата не добиле, а тоа што најмногу ги револтира, како што велат, е недостигот од информации од страна на надлежните институции.
12-ти ден по ред системот на ФЗО е надвор од функција а раководителите на оваа институција за јавноста пуштаат само писмени соопштенија. За разлика од вчера, денеска пред вратите на ФЗО не стоеше обезбедување.
„И денеска ТВ21 побара изјава од директорите на ФЗО, меѓутоа повторно молк. Раководителката на оваа институција не смета дека е потребно да се произнесе за проблемот со системот“, вели репортерката на ТВ21.
Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски го обвинува ФЗО за недоволно обезбедување на системот каде се наоѓаат лични податоци на граѓаните.
Инаку, според неофицијалните информации хакерите што го нападнеле ФЗО, за да го вратат системот, бараат 2000 биткоини односно околу 44 милиони евра, нешто што од Фондот го негираат. Што се однесува до личните податоци на граѓаните, од оваа институција негираат дека истите се загрозени.
