Ден пред датумот кога трговците мора да ги објават цените на нивните веб-страници, реагираат од Здружението на приватни аптеки. Нивното барање е аптеките да бидат изземени од обврската јавно да ги истакнуваат цените на сите производи како што налага Регулативата, бидејќи како што велат, оваа обврска создава дополнителен административен товар, што го одвлекува вниманието на здравствениот персонал од нивната примарна улога – грижа за пациентите и фармацевтската грижа.
Од Министерството за економија и труд ни рекоа дека се подготвени да ги сослушаат сите вклучени страни, но до денес нема никакво барање за средба од Здружението на приватни аптеки.
„Воедно Ве информирам дека ззмените на Законот за заштита на потрошувачи беа објавени во Службен весник на 4 март 2025 година, а стапија на сила 45 дена по нивното објавување во Службен весник односно утре (петок) 18 април 2025 година, за што сите засегнати страни имаа дополнителен рок да се усогласат со новото законско решение“, велат од министерството за економија и труд.

Од здружението исто така истакнаа дека аптеките не се класични објекти за продажба на мало, туку институции за примарна здравствена грижа, со лиценциран персонал за здравствена грижа, со диплома од мастер по фармација и фармацевтски техничари.
