Алтернатива нема зошто да остане во Влада доколку не ги исполни програмите за политички монтираните случаи, бидејќи луѓето имаат надежи, изјави синоќа во „Клик Плус“, пратеникот од редовите на Алтернатива, Скендер Реџепи-Зејди. Тој отфрли бројни обвинувања, а се осврна и на, како што рече, немањето политички капацитет. Заслугите и одговорностите паѓаат врз претседателот Африм Гаши, вели тој.
„Доколку Владата не е во состојба во што е можно побрз рок да направи вакви нешта, тогаш нема причина зошто Алтернатива да биде дел од Владата. Ние имаме програма што ја ветивме, имаме наши точки. Сега не можеме да ги погледнеме луѓето в очи бидејќи не успеавме да ги реализираме програмските цели што ги имаме. 100 дена не се малку“, вели Скендер Реџепи – Зејди.
Зејди меѓу другото рече дека раководството не организира состаноци во партијата, но генералниот секретар на Алтернатива, Беким Сали ја демантираше ваквата изјава.
Молк од лидерот Гаши, иако неколкупати побаравме одговор за сите обвинувања што ги изнесе Зејди. Единствено Сали одговори на нашите повици. Вели дека претседателот Гаши не може да одговара на секоја провокација која доаѓа од Зејди и дека 100-те дена не се за резултати во владеење, туку за прилагодување.
„Не можам да коментирам изјави кои се изнесуваат јавно, а не се изнесуваат во партиските органи од човек кој не присуствувал на состаноци на партијата во врска со владеењето. Секој понеделник Алтернатива има координации и состаноци за вршење проценка на политичкото дејствување во Владата и немаше некакво незадоволство искажано во партиските органи“, посочи Беким Сали.
Сали вели дека не знае на што се должи ваквото однесување на пратеникот. Додава дека незадоволствата треба да се изразат во високото раководство на партијата, а не во медиуми. Но, од друга страна пак, Зејди ја разгледува и опцијата да ја напушти Алтернатива. Доколку увидиш дека одреден политички субјект ја потрошил целата енергија, тогаш треба да си заминеш, заклучува тој.
