Алтернатива нема преземено никаков чекор за да помогне во судските случаи за кои постои сомнеж за политичко влијание, изјави во „Клик Плус“, независниот пратеник, Скендер Реџепи. Тој додава дека Алтернатива ги има сите можности, но и политичка моќ да ја условува Владата за меѓународна истрага за сомнителните случаи како што се „Монструм“ и „Алфа“, но, како што вели, тоа не го прави.
„Алтернатива да го даде својот политички гол, да настојува против Владата – или да се направи договор за носење меѓународна комисија која ќе ги истражи политички монтираните случаи или да ја напуштат Владата“, вели Скендер Реџепи.
Реџепи додава дека Алтернатива сѐ уште може да смета на неговата безусловна поддршка за условување на Владата за меѓународна истрага.
„Нека излезе Алтернатива јавно, има 3 пратеници и нека побара од премиерот оваа точка да се покрене или во спротивно ќе ја напуштат Владата, јас ќе потпишам за напуштање на Владата во тој момент. Нека падне Владата“, вели Скендер Реџепи.
Но, според Реџепи има еден проблем. Како што вели, пратеници и министри од редовите на Алтернатива не сакаат да направат вакво нешто, поради доброто позиционирање во Влада.
С.Р.: Министрите на Алтернатива имаат можност да ја блокираат Владата – или оваа точка ќе помине или едноставно се блокира Владата. Ја имаат таа моќ, а истото можат да го направат и пратениците на Алтернатива….
-Тогаш, не знаат, не сакаат или се плашат?
С.Р.: Па не сакаат бидејќи се сместија. Причината е доброто позиционирање на власт и сега функционираат добро според нив.
Алтернатива, пред една година стана дел од Владата со нивната програма, каде втора точка беше да се достави официјално барање до Европската комисија да испрати тим од независни експерти во земјава за спроведување меѓународни истраги за сомнителните случаи како што се „Монструм“, „Алфа“, „Диво Насеље“ и „Алмир“.
