Зеленски: 10.000 војници од Северна Кореја на страната на Русија – чекор кон светска војна

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Северна Кореја подготвува 10.000 војници да се приклучат на војната во Украина на страната на Русија, што е прв чекор кон светска војна, изјави денеска во Брисел украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Зеленски рече дека Пјонгјанг подготвува 10.000 војници од различни гранки и специјалности да се приклучат на руската војна против Украина, наведувајќи дека тие ќе се приклучат на борбите во наредните месеци откако ќе поминат обука, објави Киев Индипендент.

Неговата изјава дојде неколку дена откако неименуван западен дипломат за Киев Индипендент изјави дека Северна Кореја испратила 10.000 војници во Русија.

„Според военото разузнавање, некои севернокорејски офицери веќе се на окупираните украински територии и се приклучија на руската армија. Нивниот број е непознат“, рече Зеленски.

Според него, Иран испорачувал дронови од домашно производство на Русија, но не испраќал Иранци да се борат на страната на Русија. Зеленски во средата ги повика сојузниците да воведат нови санкции врз Северна Кореја откако земјата, како што рече, станала учесник во војната во Украина борејќи се на страната на Русија.