Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека денес во телефонски разговор со францускиот претседател Емануел Макрон разговарал за снабдувањето со ракети и финансирањето на беспилотни летала-пресретнувачи за спротивставување на руските напади.
„Би сакал особено да го истакнам нашиот договор за обука на пилоти за авиони Мираж. Франција е подготвена да обучи дополнителни пилоти со користење на дополнителни авиони“, објави Зеленски на X, додавајќи дека тие ги координирале и следните политички чекори.
Последната размена на мислења меѓу Зеленски и Макрон дојде откако Европската Унија се согласи за својот 18-ти пакет санкции против Русија поради војната во Украина, вклучувајќи мерки насочени кон оштетување на нафтената и енергетската индустрија.
Макрон рече дека новиот пакет санкции е без преседан.
„Повеќе од кога било, потребно е да се потсетиме дека безбедноста, слободата и иднината на Европа се тесно поврзани со судбината на Украина. Во овој поглед, го поздравувам усвојувањето на новиот пакет санкции утрово. Руските напади мора веднаш да престанат“, напиша Макрон на социјалната мрежа X.
