Украинскиот претседател Володимир Зеленски изрази подготвеност денес да се сретне со својот руски колега Владимир Путин, но не во Москва или Киев, објави Интерфакс Украина.
„Подготвен сум да се сретнам со Путин. Секако, не во Москва или Киев. Но, ако тој е подготвен да се сретне со мене, има многу места каде што тоа би можело да се случи. Можеме да најдеме такво место на Блискиот Исток, во Европа, во САД, каде било“, рече украинскиот претседател во интервју за италијанската јавна телевизија РАИ, објави Интерфакс Украина.
Зеленски додаде дека поддршката за Украина, што вклучува испораки на оружје, треба да продолжи.
„САД се фокусираа повеќе на Блискиот Исток, што доведе до одложување на трилатералните разговори со Русија. Но, ние ќе ги продолжиме“, рече Зеленски.
