Украинскиот претседател Володимир Зеленски соопшти дека секретарот на Советот за национална безбедност и одбрана, Рустем Умеров, ѝ испратил на Москва официјална понуда за нова рунда преговори, кои би се одржале следната недела.
Во вечерното обраќање до нацијата, Зеленски нагласи дека динамиката на разговорите мора да се забрза и дека Украина е подготвена да направи сѐ за да се постигне прекин на огнот.
„Руската страна треба да престане да се крие од одлуките. Потребна е размена на затвореници, враќање на децата, запирање на убиствата. Време е за состанок на највисоко ниво за да се обезбеди вистински, траен мир. Украина е подготвена“, порача Зеленски.
Тој истакна дека преговорите околу размената на затвореници се во тек и дека Украина ги исполнува договорите од последната средба во Истанбул. Тимот, според него, веќе работи на организирање нова размена.
Последната размена на заробеници помеѓу Украина и Русија се одржа на 4 јули.
