Градот Скопје ги известува граѓаните дека во наредниот период ќе се спроведе редовната дезинсекција против комарци на подрачјето на главниот град, која ќе се одвива во две фази – од воздух и од земја.
Според утврдениот распоред, авионската дезинсекција ќе се реализира на 20 август (четврток) и 21 август (петок) 2026 година, во раните утрински часови.
Веднаш по авионското третирање, ќе започне и терестричната дезинсекција (од земја). Таа ќе започне на 23 август (недела) и ќе трае до 26 август (среда), а процедурите ќе се изведуваат во ноќните часови, односно во периодот од 22:00 до 03:00 часот секој ден.
Од градските власти напоменуваат дека реализацијата на дезинсекцијата директно зависи од временските услови. Доколку временските прилики не дозволат безбедно и ефикасно прскање, активностите ќе се одложат и ќе се извршат првиот нареден ден кога за тоа ќе има поволни услови, во истите предвидени термини.
Посебно предупредување е упатено до сите пчелари на подрачјето на Скопје и околината, со апел навремено да ги преземат сите потребни заштитни мерки за да ги обезбедат и заштитат своите пчелни семејства за време на третирањето.
