Во новиот предлог закон за продажба на земјиште е избришана одредбата за продажба на земјиште „очи во очи“ на стратешки инвеститори кои како што ги нарекуваат земјоделците -грабливци . Но, од Граѓански фронт велат дека остануваат на ставот дека ова е погрешен начин на приватизација на државното земјиште:
„Нашиот предлог е да одиме со она што не отидовме со приватизацијата на фирмите, а тоа е да го приватизираме земјоделското земјиште на начин што сите граѓани на Македонија ќе добијат. Можеме да одиме со ваучери како што беше приватизацијата во Словенија, во Чешка или во Словачка, меѓутоа таа земја е на сите нас, наша е оваа земја и сите треба да добиеме нешто од неа. Само на тој начин ќе можеме да влеземе во средна класа. Вака 80% од луѓето се во сиромаштија“, истакна Јордан Трајков.
Министерот Хоџа вели дека целта на продажбата на земјоделското земјиште не е да се добијат приходи, бидејќи тие можат да бидат од 300-500 милиони евра. Целта се инвестициите кои би донеле милијарди.
„Кога некој би инвестирал во купување и колку би инвестирал во својот бизнис план за да може да ги врати тие инвестиции, како директна инвестиција, индиректна инвестиција или како вработување на лица кои ќе с е обврзат по бизнис план да вработуваат, мислиме дека крајната цел и крајната слика на државата е во наредните 3 години да и донесе повеќе од милијарда евра“, посочи Арјанит Хоџа.
Она што ги загрижува „Граѓански фронт“ е дека се уште постои можност во текстот од законот земјоделското земјиште да се користи по 10 години како градежно.
„Да тоа е се уште во текстот на законот дека ќе може да се претвори во градежно земјиште и дека ќе може да се експлотираат минерали кои се под површината на земјата“, вели Јордан Трајков.
„Јас со подпрашање би ве прашал: „Како моментално ја спречувате пренамената на земјоделското земјиште?“ А јас ви гарантирам дека барем во наредните 10 години тоа земјоделско земјиште нема шанси да се пренамени. А во постоечкиот закон општината може уште утре да го пренамени ние како министерство немаме право ништо да направиме“, порача Арјанит Хоџа.
Не помалку од 0.30 , а не повеќе од 1 евро ќе чини земјиштето за продажба. Приоритет ќе имаат земјоделците, но тие велат не се во финанасиска состојба да купуваат земјиште со оглед високата производна цена на производите и ниската откупна, па пак ќе им остане на олигарсите велат.
