Ова е Џавит Елмази од Битола. Тој во 1987 година купил земјиште во Битола на место т.н. „Бистра“ кое во тоа време чинело 1. 800.000 југословенски динари. Имал и склучено меѓусебен договор со продавачот.
Но, во 1990 година, како што вели Елмази, локалните жители покренале судска постапка за негово иселување од населбата само затоа што бил Албанец. Истата година, Судот го прогласил за неважечки договорот меѓу продавачот и купувачот.
-Се собраа жителите од местото и ми рекоа дека не сакаат Албанци и ме дадоа на Суд. Штом ме дадоа на Суд, Судот веднаш ме повика и донесе одлука дека договорот е апсолутно неважечки и имотот премина на општината-рече Елмази.
Од тогаш до денес, цели 33 години, Џавит тропнал на сите можни врати за да дојде решение и да си го врати земјиштето што го купил своевремено. Но, досега не наишол на слух од никој. За проблемот да биде уште поголем, сега таа парцела гласи на друг сопственик, а во документите пишува дека пола од земјиштето го купил од општината.
-Сега на мое земјиште влезе уште еден човек, јас го работам, засадив дрва, домати, пиперки, сѐ. Барам општината да ми го врати и да го легализира местото. Да ми го врати местото или ако општината сака да го земе, нека ми плати-вели Елмази.
Џавит не може да разбере како приватен имот купен во 1987 година може да стане сопственост на општината?!
Во однос на ова прашање, ТВ21 побара став и од општина Битола, но од таму велат дека земјиштето гласи на име на Република Македонија.
-Фактичката состојба е дека парцелата е на име РСМ, така се води. Не се води на приватен сопственик и не можеме да одземеме имот што е на државата. Ова е тема долго време, со прашања во Влада со сѐ, но, ситуацијата не е како што ја претставува лицето-велат од Општината.
Во документот од Катастар пишува дека Елмази преку договор го купил земјиштето од Јован Димовски. Парцелата била на име на Димовски до 1990 година, токму кога судот го поништил имотниот договор меѓу Џавит и Јован. Оттогаш ова земјиште преминало во рацете на општина Битола.
Во 2010 година, две лица станале сопственици на дел од тоа земјиште, а еден дел останал во сопственост на општината.
Дека земјиштето му припаѓало на Џавит Елмази тврди и Месната заедница „Димче Џан Поповски“ од Битола. Велат дека доказите и документите што ги поседуваат покажуваат дека на 11.11.1987 година Џавит Елмази го купил местото од Јован Петков Димовски.
