Земјите од Балканот заедно во ЕУ – писмото на Мицкоски до ЕУ би било само формалност

НАЈНОВИ ВЕСТИ

По одвојувањето на Македонија од пакетот со Албанија нема ништо позначајно да се случи, уверува поранешниот висок функционер од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски во емисијата Клик плус на ТВ21. Според него зачленувањето во Европската унија на земјите од Балканот ќе се случи заедно.

„Зачленувањето формално и целосно на државите од Западниот Балкан, нема да се случи 2030 да не се лажеме, но ќе се случи заедно. И мислам дека во овој момент треба да бидеме искрени во Европската унија апсолутно нема расположение за продолжување со проширувањето. Не е расположена за проширување, дури понекогаш си помислувам дека уживаат со кавгите на Балканот заради тоа што не се тие оние кои го одложуваат приближувањето, туку има некој таму на Балканот виновен во тие неразбраните народи“, порача Илија Димовски.

И додека Албанија ги започна преговорите, премиерот Мицкоски најави дека ќе испрати писмо до челниците во Европската унија, што требаше да се разбере како некој чекор на власта во ситуација кога Македонија и натаму остана во чекалната а јавноста бараше одговори што ќе се преземе за да го продолжиме европскиот пат. Според професорот Гордан Георгиев тоа писмо не би сменило ништо.

„Тоа писмо нема многу да промени бидејќи особено ако добиеме назад писмо во кое што ќе се каже ние не можеме ништо да направиме, нешто на линија на фон на изјавата на министерката за надворешни работи на Германија која што рече и јас сум за консензус минус еден, но тоа не може во моментов и тоа е тоа. Не знам што би добила оваа Влада од тоа писмо“, вели Гордан Георгиев. 

Политичкиот аналитичар пак Газменд Ајдини потсети дека по враќањето од Брисел Мицкоски сепак ретерирал и рече дека се уште се мисли дали и воопшто да го испрати тоа писмо. Ноlid во однос на што би предизвикало тој е на иста линија со Георгиев дека и одговорот на таквото писмо доколку се испрати, ќе биде формалност.

„Сепак имаше мало ретерирање така го сфатив во смисла на писмото затоа што сепак се случи берлинската средба, сепак има најава за посета на претседателот на Европската комисија фон дер Лајен во Македонија. Да, се согласувам, ако пратиме писмо ќе добиеме или формално писмо или тоа писмо ќе задоцни доста, но ќе добиеме некоја форма со одговор  која веќе го имаме слушнато и веројатно тоа писмо, нашето писмо ќе треба да се отвори во смисла на дебата и да видиме ние што ќе пратиме во тоа писмо“, вели Газменд АЈдини.

Премиерот Мицкоски денеска прашан за тоа дали сепак ќе го испрати писмото, само кратко рече да се почека бидејќи не треба а се избрзува со одлуките.