Земјоделците алармираат – бараат итни мерки од Владата и програми од терен, не од кабинет

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Лоши мерки и програми кои се „кројат во кабинет“, откупни цени под производните, субвенции кои се кратат и доцнат и немање долгорочна стратегија како до поголемо домашно производство. Ова се само дел од проблемите на земјоделците кои ги изнесоа во Бизнис21. Велат пролетната сеидба е неизвесна. Бараат итни мерки од Владата, по примерот на другите земји кои ги ставија земјоделците на приоритетна листа за помош од повисоките цени на горивата и ѓубривата, поради конфликтот на Блискиот исток. Во спротивно велат не чека ценовен шок.

„Сега ги гледаме причините, а последиците ќе ги трпиме покасно. Значи сега да, причините се зголемени влезни трошоци, намалено производство, меѓутоа сето тоа во покасниот период ќе се рефлектира со дефицит на одредени земјоделски производи и со многу високи цени кон стандардот на граѓаните. Тоа дефинитивно гарантираме дека ќе биде. Затоа не само кај нас, него и од страна што ќе увезуваме, ќе бидат со многу високи цени. Тоа сето ќе се надоврзам и трговските маржи ќе бидат големи, така што крајната сметка ќе ја платат крајните потрошувачи, за жал“, вели Каракашев од Национална земјоделска мрежа.

ТВ21: Ги очекува ценовен шок. Сигурно производите ќе бидат поскапи.
Колкав би бил тој ценовен шок.

„Па до 50 посто може, ако не реагира министерството за земјоделие. Ако ни помогне министерството за земјоделие, значи ценовен шок ќе нема. Тука е главниот проблем“, вели Миле Кебакоски од Здружение „фармери југозапад“.

Бучински: Домашно производство и храна ќе има, намалено ќе биде значи производството во овие услови, но ќе ги имаме.

ТВ21: А, цените?

Бучински: А, цените ќе бидат сигурно повисоки во се, само во млекото не можеме ние самите да си одредиме цена бидејќи, ќе бидиме најмизерно откупени, додека вие потрошувачите ќе платите енормно високи цени.

Покрај субвенции за цената на вештачкото ѓубриво кое велат се покачило за 50 проценти поради конфликтот на Блискиот исток, земјоделците бараат субвенциите да се плаќаат по старата програма, бидејќи со новата им се скратени износите, а новите услови нема да можат да ги исполнат малите земјоделци. Разочарани се дека политиките и мерките во земјоделството со години наназад и сега се носат од кабинет, а не од терен. Велат голем дел од земјоделците се откажуваат од земјоделието и порачуваат – ако се продолжи со лошите политики, целосно ќе увезуваме скапа и неквалитетна храна-само за увоз на храна лани плативме над 1,1 милијарда евра.