Зголемен е бројот на „супербогати“ во Германија

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Во Германија порасна бројот на таканаречените супербогати, кои сега поседуваат 23 отсто од вкупното богатство на земјата, беше објавено во средата.

Зголемен е и бројот на оние кои поседуваат повеќе од милион долари
„Во моментов има околу 3.300 т.н супер-богати, кои се луѓе кои поседуваат имот во вредност од повеќе од 100 милиони долари“, се вели во студијата на Global Wealth Report на Бостонската консалтинг група (BCG).

Со тоа бројот на супербогатите е зголемен за еден процент во однос на лани. Истовремено, на 555.000 се зголеми и бројот на оние кои поседуваат имот кој надминува еден милион долари (1 долар=0,92465 евра).

Според истата студија, во споредба со остатокот од светот, богатството во Германија е „надпросечно нерамномерно“ распределено. BCG проценува дека овој тренд ќе продолжи и дека „супербогатите“ за пет години ќе поседуваат 26 отсто од вкупното богатство во Германија.

Најмногу „супербогати“, 26.000 од нив живеат во САД, а потоа следи Кина со 8.300 супербогати. Германија е на третото место.

Минатата година уделот на недвижностите во вкупното богатство на најбогатите во Германија се намали поради падот на цените на пазарот на недвижности.