Извозот на македонски производи во маркетите на Лидл во регионов за една година ќе се зголеми за 100 насто, односно од пет милиони евра лани, на 10 милиони во оваа 2025 година. Поради оваа можност за извоз на домашните производи, премиерот Христијан Мицкоски ги повика домашните фирми да се прилагодат на стандардите што ги има глобално присутниот маркет.
„Очекуваме оваа година, во разговор неформален со менаџментот на „Лидл“, таа бројка да достигне и 10 милиони евра и со време таа бројка да расте. Тоа треба да биде инспирација, поттик и мотив за македонските претприемачи да ги задоволат стандардите на „Лидл“, да произведуваат според стандардите на „Лидл“, а „Лидл“ сигурно дека ќе даде можност и шанса македонските производи да се наоѓаат на полиците на „Лидл“ во околните земји и секаде онаму каде што „Лидл“ ќе има потреба од квалитетни македонски производи.“, вели Мицкоски.

Лидл е дел од германската групација Шварц која е водечки трговци со храна во Германија и Европа. Дополнително, Лидл е четврт најголем малопродажен ланец во светот, зад Волмарт, Амазон и Костко и во 2024 има остварено приходи од 176 милијарди евра. Вработува 390.000 лица и има околу 13.000 маркети низ целиот свет. Ако се запази квалитетот на компанијата, ќе расте и домашниот извоз, велат и од Лидл.
„Ние не дојдовме тука само да правиме бизнис, туку ние сме посветени и на растот, развојот и подобрувањето на квалитетот на животот за сите граѓани на вашата земја. Исто така, ги поддржуваме македоснките производителите чии производи веќе се пласирани во Лидл маркетите во другите земји.“, изјави Милена Драгијска-Денчева, извршен претставник на Лидл.
Очекувањата на власта е дека со стартот на работа на Лидл во Македонија ќе се зголеми конкуренцијата и тоа ќе влијае на намалување на малопродажните цени на дел од производите. Оваа компанија наскоро ќе треба да ги пушти во употреба првите маркети во државава, а првично се планирани 17 објекти.
