Високите летни температури доведоа до зголемена потрошувачка на електрична енергија во земјава, особено поради интензивната употреба на клима уреди. Од ЕВН-Хоме известуваат дека само во првите две недели од јули потрошувачката значително пораснала, со рекордна дневна потрошувачка на 17 јули, која е за 3.500 мегаватчасови поголема од просечната минатогодишна потрошувачка во истиот период. За измерените 17 денови од јули, потрошувачката изнесувала 254.492 мегаватчасови, што е скоро 25.000 мегаватчасови повеќе во споредба со јули минатата година.
Со зголемувањето на потрошувачката на електрична енергија, се забележува и зголемена инцидентност на системот за напојување. Дефектите се почести, а во неколку случаи реони во главниот град останаа без електрична енергија. Дополнително, од 1 јули се зголемија и цените на електричната енергија за домаќинствата и малите потрошувачи, со просечно зголемување од 0,4 отсто. Овие промени имаат директно влијание врз секојдневниот живот и финансискиот буџет на граѓаните.
