Мртва птица потврдена со Западнонилска треска – први случаи во Центар и Чаир, вкупно 43 лица заразени

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Вкупно 43 случаи со западнонилска треска се потврдени на целата територија на Македонија, а во скопскиот регион први случаи се регистрирани во општините Центар и Чаир. Како што информираше министерот за здравство, Сашо Клековски, потврдена е и мртва птица, гавран, кој имал западнонилска треска, а угинатите птици се собираат од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство.

Преносители на оваа болест се комарците, а во скопскиот регион има 34 ризични подрачја од кои 13 се високоризични.

-Во моментов работиме 34 ризични подрачја, од кои 13 се високо ризични. Во основа тој е оној дел што можеме да го видиме и што е видлив на сателитски снимки. Што се критериумите за ризичност? Во основа се два, застост на водата и високо ниво на органска материја. Значи река која е проточна, која има риби, самата по себе не е ризик, вели министерот Клековски.

Високоризичните места се надвор од градското подрачје, но граѓаните се движат и низ други места, па така мерките ќе се преземат секаде, без разлика дали во некое место има прогласено епидемија на западнонилска треска или не.

-Тоа е одука на Центарот за јавно здравје, тие имаат епидемиолошки стандарди, јас политички не се мешам во тие одлуки, тие ќе проценат. Морам да кажам повторно, прогласена или не прогласена епидемија ние мерките ќе ги правиме, тоа што во Чучер Сандево нема ризични точки, не значи дека граничните точки нема бидат вклучени и третирани, комарците тоа не го познаваат, вели министерот Клековски.

Клековски вели дека ризични места се улиците и населените места со голем број септички јами, потоа гробишта, заради застоената вода во вазните и присуството на органски материјали во нив. И третата група се отпади за стари гуми кои се идеално место за комарците.

Што се однесува до критиките дали навремено е извршена теренска дезинсекција против возрасни комарци и ларви, од Центарот за јавно здравје со одговор.

Мислам дека и ларвицидната и адултицидната треба порано да се отпочнува и да се опфати многу поголема површина. Средството е квалитетно, начинот на растварање и дозата е препорачлана според проспектот, така да од таа страна немаме никакви сомнежи. Треба да обрнеме повеќе внимание на водените површини да не дозволиме да одлетаат комарците, вели Николина Соколовска, ентомолог од ЦЈЗ.

Министерот Клековски информираше дека првата дезинсекција против ларви од комарци е извршена на 7-ми мај. Инаку, во текот на денешниот ден беше одржан состанок на Министерството за здравство со претставници на Центарот за јавно здравје и општините од цело Скопје, градоначалници на руралните и градските општини, со цел да се надоградат активностите за справување со западнонилската треска.