Згради и улица кај салата „Борис Трајковски“? – Општина Карпош: Улица да, но не и објекти за домување

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Не сакаат да се руши терасата на базенот Карпош, картингот и тениските терени и на тоа место да никнат згради и  улица која ќе ја поврзува постоечката со „8 ми септември“ кај спортскиот центар „Борис Трајковски“. Поради тоа дел од граѓаните на О.Карпош протестираа пред општинската зграда по повод новиот предлог Детален урбанистички план.

„Со овој ДУП се предвидува улица која ќе ги униши тениските терени и картинг центарот. Општина Карпош среде август и во ек на одмори и пред избори закажува јавна презентација мислејќи дека кај граѓаните на О.Карпош ќе поминат незабележано и ќе не можат да реагираат“, посочи Оливер Зафировски.

Разговаравме и со граѓаните кои велат дека со таа улица би се уништиле 10 000 метри квадратни површина.

„Борис Трајковски сакаме да биде културен, спортски центар, а не да се уништува со улици, со градби.. Сакаме да остане така како што е“, вели граѓанин.

„Протестирам поради урбаната џунгла што се случува во О. Карпош, затоа што во предвидениот план не беше така како што се испадна“, додава граѓанин.

„Уште и бетонизација стварно не личи на ништо“, посочи граѓанин.

Од општина Карпош со реакција по повод обвинувањата велат не помина обидот на ВМРО – ДПМНЕ за спречување на јавната презентација, иако два дена последователно го „хранеа“ своето членство и ги лажеа граѓаните дека е планирано уривање на спортскиот комплекс.

„Јавната презентација за Нацрт ДУП – от за Градска четврт 3 04, блок 5,  помина во мирна и демократска атмсофера. Стручните служби на општина Карпош, од Секторот за урбанизам и планерите, на детален и едноставен начин објаснија дека посочениот Нацрт ДУП не предвидува никакво уривање на Спортскиот центар „Борис Трајковски“. Исто така, планерката посочи дека овој ДУП, во рамки на блокот, воопшто не предвидува изградба на згради – објекти за домување“, велат од Општина Карпош.

Имено граѓаните имаа можност секој посебно да се информира што го интересира детално во врска со новиот предлог ДУП од планерката на јавната презентација.