Желино испраќа сметки на граѓаните – „Ги принудува да плаќаат, иако немаат ниту водовод, ниту канализација“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Алијанса за Албанците и Алтернатива – огранок Желино, ја обвинуваат општината дека на граѓаните им праќа опомени за долгови кои ѝ останале на општината. Според нив, општината ги опоменува жителите да ги платат сметките за вода и канализација, иако живеат во села кои немаат ниту канализациона, ниту водоводна мрежа. Има и случаи кога биле праќани и по две опомени за исто семејство – и за таткото, и за синот. Според АА-ААА, иако селото Узурмиште нема водоводна мрежа, а еден дел ниту канализација, сепак треба да платат по 11.800 денари за услуги кои воопшто не ги искористиле.

-Тука сме за да реагираме против опомените кои се праќаат од страна на општина Желино, околу наводните долгови на жителите кон општината. За еден станбен објект испраќаат дури по две опомени – и за синот, и за таткото. Долг им наметнаа и на роднините кои немаат ништо во своја сопственост. Која е причината за ова? Нивната неспособност, нивната слаба будност, или пак тоа го прават за да манипулираат со граѓаните, простувајќи им непостоечки долгови пред изборите?-вели Љиридона Алили од Алијанса за Албанците.

Но, од општина Желино велат дека граѓаните нема да бидат дадени на извршител, туку дека опомените им биле испратени само за да ги информираат дека со години имаат долг кон општината. Според Директорот на Јавното претпријатие, опомените не се однесуваат на вода за пиење и дека е направен технички пропуст.

-Станува збор за техничка грешка бидејќи се спомнуваат селата Палатица, Требош, дел од Желино и од Стремница кои немаат водовод. Станува збор за технички пропуст бидејќи пишува дека се работи за потрошената вода. За нив се однесува на канализацијата која ја користат за отпадните води кои се слеваат во Вардар и за јавната чистота. Станува збор за сума која е собирана со години. Не е за една година или месец, туку за неколкугодишен долг-рече Суад Алили.

Дел од селата во о.Желино со вода за пиење се снабдуваат од бунарите кои самите ги ископале, а пак отпадните води се слеваат во реката Вардар. Од АА-ААА ја обвинија општината дека за сите жители сумата е иста и дека ги принудуваат во време на пандемија да плаќаат долгови кои не постојат.