Пожарот кој го зафати планинскиот предел во општина Желино се доближи до селото Церово. Жителите, пожарникарите, општинските екипи од Желино и Дирекцијата за заштита и спасување останаа на терен до раните утрински часови со цел да го локализираат пожарот и да спречат негово проширување кон населеното место Церово.
Командантот на Територијалнара Противпожарната единица, Авни Ахмети, изјави дека девет дена по ред се во 24-часовно дежурство во овој регион. Според него, само вчера имале 20 интервенции во Тетовскиот регион.
„Пожарникарите од Тетово денеска деветти ден се стационирани тука во Церово и се вршат ротации. Моментално, како што гледате, ситуацијата е мирна благодарение на тоа што ветерот престана. Претходно имавме многу тешка состојба, но сега поради тоа што ветерот се смири, ситуацијата е ваква. Овој пожар дојде од селото Групчин, каде што имавме три жаришта на исто време. Јасно е дека тие пожари се подметнати. Пожарникарите од Тетово имаа најтежок ден – имавме над 20 пожари над селото Камењане и над селото Милетино“, вели командантот на ТППЕ, Тетово, Авни Ахмети.
Градоначалникот на општина Желино, Блерим Сејдиу, вели дека жителите на селото Церово биле вознемирени, но според него, во моментов нема опасност.
„Пет дена по ред авионите фрлаа вода од воздух – секој ден по четири пати. Денес ситуацијата е многу под контрола во споредба со вчера, кога дуваше ветер што никој не би сакал да го види. Нормално е што граѓаните беа загрижени, но ние секогаш бевме тука за да нема штети по имотот на нашите граѓани. Ниту едно село не е загрозено“, вели градоначалникот на општина Желино, Блерим Сејдиу.
Пожарот во општина Желино избувна минатата сабота, а поради силниот ветер истиот се прошири и на други делови од планината каде што се наоѓа и селото Церово. Според градоначалникот на Желино, пожарот е подметнат, бидејќи на три различни локации биле пронајдени три запалени гуми.
