Ова е Ќитабије Куртиши од Шипковица, тетовско. Таа е единствената жена во месната заедница на селото, а можеби и во целата земја. Да се биде дел од тело кое го формираат самите селани, го гледа како предизвик.
-Ме поканија да бидам дел од советот и реков ако мислите дека е оправдано, дека можам некако да ѝ помогнам на Шипковица, тука сум, вели Куртиши.
Вели дека е разочарана од тоа што селото е сосема запоставено.
-Шипковица веќе 20 години ја гледам запоставена од државата, од општината, од сите, бидејќи Шипковица порано имаше старешини, немаше печалбари како сега, беше најнаселено село, а сега остана само со стари и многу малку луѓе, вели Куртиши.
Таа се осврна и на плановите на селото, додавајќи дека потребите на Шипковица се многубројни. Селото има потреба од улици кои се целосно уништени од поплавите, водовод имаат, додека канализационата мрежа ја изградиле мештаните по самоиницијатива.
-Имаме едно празно место горе, може да се направи парк за деца и место каде ќе можат да излегуваат старите. Тоа се запуштени места. Доставивме барање до општината за ѕидот, но не нѐ информираа дали ќе ни помогнат. Имаме барање и за потокот. Надлежните дојдоа направија неколку фотографии и рекоа дека ќе средат. Речното корито не е санирано од 2015-та. Секогаш кога врне, ние не спиеме, бидејќи имаше луѓе кои загинаа тука. Луѓето од тој дел од населбата не спијат бидејќи стравуваат од повторувањето на поплавите, рече Куртиши.
За Ќитабије, Шипковица е град, но заборавен од државата, град кој се памети само по некоја културна активност. Селото има свое Културно друштво „Реџеп Вока“, а Ќитабије со гордост раскажува дека жените од Шипковица отсекогаш биле подготвени да придонесат за важни настани, како што е основањето на Универзитетот во Тетово.
