Жичарата шестосед пуштена во употреба – Сулејмани: Владата треба да се фокусира на жичарницата Тетово – Попова Шапка

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Иако со доцнење од отворањето на туристичката сезона на Попова Шапка, жичарата шестосед е пуштена во употреба за туристите. Присутни на настанот беа и министерот за економија Крешник Бектеши и директорот на Елем Турс, Адем Авзиу кои се качија на жичарата за да ја видат панорамската глетка.

„Ова е современа инвестиција, станува збор за ски лифт каков што нема ниедна земја на Западен Балкан, нова можност за скијачите за да се отворат нови патеки а истовремено да привлече нови туристи на Попова Шапка, но не само скијачите туку и ќе можат да ја користат и другите туристи за панорамски прошетки“, истакна Крешник Бектеши.

„Чест е и задоволство да ги видиме овие туристи кои ќе можат да го видат овој шестосед за панорамски прошетки и за скијање, шестоседот е во функција не само во сезона, ќе го искористиме овој приоритет“, посочи Адем Авзиу.

Според Авзиу сега останува проблемот со паркинг но од утре и тоа ќе се реши со расчистување на паркингот кај хотел Славија и улицата кај викендичките која ќе биде еднонасочна.

„Паркингот кој се наоѓа над хотел Славија и Скардус да го одржуваме во континуитет и да овозможиме да имаме поголем капацитет за автомобили, тој паркинг е голем и минимум 200 до 300 автомобили можат да се паркираат таму“, додава Адем Авзиу.

Но од иницијативата Да ја спасиме Попова Шапка се надеваат дека оваа жичара ќе биде во функција секој ден и бараат сега владата да се фокусира на изградба на жичарата Тетово – Попова Шапка.

„За да функционира шестоседот посетителите треба да стигнат а не да бидат блокирани во колони од 4, 5 километри или да останат заглавени враќајќи се во Тетово, да не ги  спомнуваме несреќите кога амбулантните возила се заглавени по еден и пол час. Кога ќе функционира жичарата во Тетово – Попова Шапка тогаш многу поинаку би функционирала и оваа туристичка зона“, посочи Хамди Сулејмани.

Цената за една прошетка со жичарата ќе изнесува 150 денари, а од Елем Турс сметаат дека оваа жичара ќе функционира и преку лето. Жичарата има капацитет  да опслужува по 2400 лица на час а е долга 3 км. Како проект идеја е од 2012 година. Владата вети  и услови за вештачки снег и жичара од Тетово до Попова Шапка.