Со сирени и свирежи од автомобили на кои на регистерската табличка пишуваше поликлиника, жителите на Бутел протестираа поради тоа што се уште не е изградена здравствената установа. Тие носеа транспаренти на кои пишуваше Каде е поликлиниката, Сакаме поликлиника – не сакаме згради и Велимир не излажа. Велат дека се единствена општина во која нема ваква здравствена установа, а во постојната руинирана амбуланта можат да вршат само лабораториски услуги.
„Општина Бутел има една крајно руинирана амбуланта која веќе е во распаѓање. Истата таа амбуланта опслужува повеќе од 60 илјади жители. Во ек на пандемијата со Ковид 19 ние сме дополнително загрозени со неможноста да оствариме минимум здравствени услуги“, велат граѓаните.
Амбулантата во која се лекуваат жителите на општина Бутел е сместена во многу стари бараки поставени пред повеќе од 50 години. Да биде сликата уште покомплетна, во нејзина близина е отворен див пазар во кој се продаваат пиперки за ајвар и други зеленчуци. Го контактиравме градоначалникот Велимир Смилевски кој вели дека изградбата на новата поликлиника треба да започне идната година а обвини дека претходната власт воопшто не се обидела да го смени ДУП-от со што ќе се даде можност за изградба на ваков здравствен објект.
„Ние ја почнавме таа постапка, ДУП-от го менуваме и го поделивме во два блока. Во моментот предметот е во Град Скопје и се надевам дека за месец до месец и пол ќе заврши во институциите. Во моментот општина Бутел наоѓа можности постојните амбуланти кои што се во амбулантата да им предложиме локации каде што ќе можат да ги преместат своите ординации за да може да се гради на постоечкото место нова поликлиника“, посочи Велимир Смилевски.
И министерот за здравство Венко Филипче потврди дека нови поликлиники ќе добијат неколку општини во град Скопје, меѓу кои и во Бутел.
„Свесни сме за проблемот на жителите на Бутел и не само на Бутел туку и на повеќе скопски општини. Увидовме дека овој систем на поставување на модуларни амбуланти е добар и квалитетен и прилично евтин и во таа смисла се направи план нешто за што и сега во овој момент имаме буџет, а тоа е да се заменат повеќе постојни амбуланти во Скопје, во Ѓорче Петров, Бутел – влезена е оваа амбуланта во планот, старата амбуланта во Карпош кај Центарот за странски јазици, во Аеродром и во Ново Лисиче“, посочи Венко Филипче.
Според планот во Бутел ќе биде изградена поликлиника која целосно ќе ги покрие потребите на граѓаните, со специјалисти, со лабораторија во која не само од оваа општина, туку ќе може да прима и жители од околните општини.
