Жителите на Желино се жалат дека се оставени во заборав! Иако ова село се наоѓа покрај реката Вардар, велат дека немаат каде да излезат на прошетка. Бараат власта да им посвети повеќе внимание.
„Денеска како месна заедница презедовме иницијатива за местото кај училиштето наречено Поток, за чистење на улиците. Имаме поддршка и од жителите за каналот Поток да се санира со камења, но би било добро и општината да ни излезе пресрет“, вели Исмаил Исауфи.
„Жителите на Желино најмногу се жалат на отпадоци! Тука фрла отпад кој и да посака, иако општината менаџирање со отпадот, но има насекаде, на секој агол од селото. Не е проблем само за нашата месна заедница, туку за сите каде и да одиш. Ако одиш кон стадионот не можеш да поминеш од отпад, ќесиња, шишиња, секаков смет…“, вели жител на Желино.
Локалното население има поплаки и за лошите услови во соблекувалните на стадионот.
„Соблекувалната е во мизерна состојба, нема санитарен дел. Беа во ред, имаше струја, вода, но сега сите се демолирани. Бараме општината да ги поправи, реновира и чува, да се постават камери или чувари, како што е во Домот на културата. Со депонии нѐ преплавуваат. Во вардарскиот дел треба да имаме шеталишта со клупи, со светилки, за луѓето да можат да излезат и да го поминат нивното слободно време, а не да го гледаат во ваква состојба“, посочи жител.
„Зоран Заев ги направи, а овие воопшто не ги одржуваат. Стадионот е на општина Желино, воопшто не го одржуваат. Овде во општина Желино ништо не се работи“, вели жител.
Но, од општина Желино велат дека соблекувалните биле санирани неколкупати, но дека повторно биле уништени. Во однос на паркот, уверуваат дека тоа е ветување на градоначалникот кое ќе стане реалност.
„Соблекувалната беше реновирана неколкупати, но повторно беше уништена. Случајот го пријавивме кај органите на редот, но досега нема никаков исход. Ги повикуваме сите граѓаните што е можно повеќе да ги чуваат јавните добра, бидејќи се во нивен интерес“, додаваат од Општина Желино.
Желино е една од најголемите општини во Полошкиот регион, а во последно време стана и една од општините со најмногу изградени фабрики и централни магацини на приватни компании, бидејќи се наоѓа околу магистралата Тетово-Скопје.
