Откако пред две години Министерството за економија и Владата издадоа забрана, сега реактивирање на работата во еден од каменоломите во Лабуништа повторно им донесе „главоболка“ на локалните мештани.
Компанијата од Велешта, струшко која ја има концесијата за каменоломот, во јули 2021 година поднесе жалба пред Управниот суд, кој пак донесе одлука дека не е надлежен да одлучува по ова прашање. Ова го потврди и Вишиот управен суд.
Но, само 6 месеци подоцна, по барање на компанијата „Влаши“, Судот со нова одлука – на компанијата да ѝ се дозволи да продолжи со работа.
„Се уважува тужбата на тужителот Друштво за превоз, трговија и услуги, Рамадан Влаши од Велешта. Оспорената Одлуката на Владата на РСМ за едностран раскин на Договорот за концесија за експлоатација на минерална суровина, варовник на локалитетот ГРАДИШТЕ, Општина Струга број 44.4442/3 од 26.05.2020, сѐ до правосилно завршување на управниот спор по тужбата против истата Одлука, заведена под У-6 бр.1043/2021 СЕ ОДБИВА КАКО НЕОСНОВАНА“, се вели во одлуката на Управниот суд.
Од организацијата „Натура Лаб“, која заедно со жителите се против ископ на каменоломи во Лабуништа, велат дека одлуката на Управниот суд е неоснована и најавуваат протести.
„Бараме од Министерството за економија и Владата на РСМ да преземат мерки бидејќи ние нема да запреме, ќе се обратиме и пред Стразбур и секаде каде што ќе биде потребно. И протестите на жителите на Лабуништа се многу блиску“, велат од организацијата „Натура Лаб“.
Зачуден од одлуката на Управен, е и министерот за економија, Крешник Бектеши.
„Одлуката на Управен суд нѐ изненади и нас како Министерство за економија, а најлошото е тоа што не ни даде можност да се жалиме, доколку имавме можност да ја прочитате одлуката на Управен суд“, истакна Крешник Бектеши.
Стапивме во контакт и со инспекторот за животна средина во Струга, кој ни рече дека излегол на терен и дека компанијата ги задоволува условите за работа од еколошки аспект. Но, жителите на Лабуништа бараат друг инспектор да ги направи потребните мерења за нивото на загаденоста на животната средина. Министерот Бектеши додава дека кога Инспекторатот ќе достави извештај до Министерството за економија дека не се испочитувани одредбите од договорот, тогаш ќе бидат преземени неопходните мерки. Инаку, пред две години, жителите на селото преку петиција потпишана од 3.000 граѓани и преку организирање протести, издејствуваа прекин на работата на каменоломот.