Ова не е напуштена куќа, туку засолниште за 7-члено семејство, кое во секој момент може да се сруши. Се наоѓа на 25 километри од Велес. Изградена пред речиси 70 години, оваа куќа, ако може да се нарече куќа, е единствениот кров под кој може да престојува семејството Бакиу. Сиромаштијата не им дозволува да размислуваат понатаму за животот. Петте деца на Сефер Бакиу живеат во бедни услови.
-Оваа куќа е од дрво, јас ги ставив бидејќи сите паѓаа, ги ставив за да не паѓаат. Кога се качувам горе, се качувам со страв, бидејќи е опасност да не стапнам некаде кај што не треба. Не знам што да кажам, и самите гледате… Ако се луѓе и ако се муслимани ќе видат што ни е потребно и ќе ни помогнат. Гледаат и самите. Јас не можам никому да кажам – помогни ми, бидејќи ти имаш, а јас не-рече Бакиу.
Сефер раскажува дека чести се моментите кога празниот стомак не му дозволува да заспие, а во тие доцни часови во ноќта, некој мора да ја проверува куќата, особено во текот на зимските месеци, кога влажноста го зголемува ризикот од рушење.
-И сега е ризик, и во зима. Поголем ризик е кога спиеш. И кога вее снег е ризик, а особено преку ноќ. Преку ден ќе поспијам малку. И сега каде што сте вие е ризик, бидејќи можете да паднете и за секунда да го загубите животот-вели Бакиу.
Досега како што тврди, малкумина му укажале помош, па затоа решил да се обрати преку ТВ21, со цел, како што вели, да добие сигурен кров над глава, бидејќи од ден на ден сѐ е поголема можноста да останат под отворено небо.
-Јас ја поправам, но јас не сум мајстор, поправам долу, паѓа горе… Потоа ќе поправам горе, таа паѓа долу… Многу е тешко, пред да се качам горе ги проверувам дрвата, па потоа се качувам, не знам дали ќе паднам, ако се сруши дали ќе можам да побегнам…. Тоа е, нема каде да одиме…-кажа Бакиу.
Тој работи како овчар, а од државата не зема повеќе од 3 илјади денари, пари кои не му се доволни ниту за храна за еден месец.
Семејството Бакиу има потреба од итна помош, а екипата на ТВ21 ги остави со надеж дека некој ќе им подаде рака, со цел да добијат побезбедна и поудобна куќа за живеење.
ТЕЛЕФОН ЗА КОНТАКТ:
СЕФЕР БАКИУ
075-990-846
