„Живееме како во Бангладеш“ – Населбата 146 без вода, Касами вели проектот има многу недостатоци

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Високи температури, а населбата 146 во Тетово и понатаму без вода за пиење. Жителите се жалат дека се принудени да полнат вода од други населени места. И покрај тоа што е ископано, сепак нивната населба сѐ уште не е приклучена на водоводна мрежа.


-Нема, воопшто немаме вода. Полниме од други места. Купуваме вода за пиење. Купуваме вода… не знам.
-Веќе 30 години немаме вода. Еднаш почнаа, но еве како ја оставија работата. И самите гледаме, 30 години е вака без вода, канализација, асфалт. 30 години ниту една партија не направи ништо. Гледате како живееме на овие горештини. Тука стана како во Бангладеш. Нема вода, нема канализација. Бекатонките што ги ставија, секогаш кога врне настанува хаос.
-Нема. Тука нема вода. Нема. Нема што да правиме. Полниме таму-ваму, кај соседите. Нема што да правиме, велат граѓаните.

Градоначалникот на Тетово, вели дека проектот има бројни недостатоци.

-Станува збор за проект кој го затекнавме со многу проблеми. Првин не е довршена цевката за водоснабдување од резервоарот, бидејќи не се предвидени сите трошоци, а излезе и дополнителна работа за која ќе треба да изнајдеме правно решение за нејзина реализација, со цел потоа да можеме да најдеме решение за дистрибутивната мрежа за жителите. Тука не е предвиден приклучок на жители. Ќе треба да видиме со жителите како ќе се реализира нивното поврзување на водоводната цевка. Ова е еден од проектите кој е реализиран со многу недостатоци, кои ние ќе треба да ги решиме и спроведеме, рече Касами.

На прашањето – дали жителите од оваа населба и ова лето ќе го поминат без вода, Касами вели дека не може да гарантира:


-Не можам да гарантирам, бидејќи станува збор за правна тендерска постапка за дополнителната работа која искрсна, за потоа жителите да можат да се приклучат на водоводниот систем, рече Касами.

Иако тендерот за изградба на базенот и снабдување со вода за пиење на оваа населба, заврши пред неколку години, сепак овој дел од градот и понатаму нема пристап до водоводна мрежа. Секој градоначалник кој бил на власт, само ветувал, но не успеал да изнајде решение за проблемот кој без вода остави илјадници жители.