Живковски: Имаме пријави за корупција во Катастар, 50 пријави за сомнителни уписи на имот

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Околу 50 пријави за сомнителни уписи на имот стигнале до Катастарот откри директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, Иван Живковски, во гостувањето во емисијата „Бизнис21“. Дел од случаите веќе се проследени до Министерството за внатрешни работи и се процесуираат за понатамошно постапување. Најчесто станувало збор за уписи на имот кои не требало да бидат извршени, а во дел од пријавите се индицира и можен обид за корупција.

„Станува збор за упис кој што не требало да биде направен. Станува збор, имаме индикации и за правни лица, но и физички лица кои што доаѓале и нуделе нешто спрема вработените. И за тоа каде што имаме материјални докази, тоа го проследуваме, затоа што знаете коруптивните дејствија се двонасочна улица. Има некој нуди, има некој бара, меѓутоа мораме да ги прекинеме од двете страни“, изјави Живковски.

Живковски вели наследиле над 1.000 предмети од претходното раководство и сите ги решиле. Имало сомнежи за коруптивни постапки и претходно.

„Во минатото конкретен предмет бил доделуван по желба кој службеник да го работи. Во минатото зборуваме каде што предмети биле одбивани без соодветно образложение. Во минатото бил одбиен предмет кој што требал да биде одбиен, имал една забелешка, бил вратен назад, кога ќе дошол повторно на постапување, тие му наоѓале уште три дополнителни забелешки. Зошто било така? Меѓутоа имало и предмети кои што не требало да бидат поминати, а биле поминувани со брзина на светлината“ Паралелно на тоа имаме предмети кои што чекале по 8,9,10 и 12 месеци“, вели Живковски.

Покрај кампањата „Не биди соучесник’’ за спречување на ваквите појави, Катастарот вовел внатрешни мерки со кои се минимизира контактот меѓу странките и службениците. Предметите од различни градови можат да ги обработуваат служби од цела земја, со што се отежнува потенцијална злоупотреба.