Сабедин Алиу 10 години се занимава со кинематографија и е универзитетски професор. Вели дека има богата биографија, но сепак неговиот филмски проект е одбиен од Агенцијата за филм. Се жали и дека постапката на избор не е транспарентна.
„Има многу уметници кои се докажани, создале дело и се одбиени. Ова е за жалење. Филмскиот фонд нема ниту еден вработен Албанец, не се знае кој ги чита нашите сценарија, не се знаат критериумите на оценување. Значи се е енигма“, истакна Сабедин Алиу.
Сценаристот Алиу се уште не знае зошто не му е прифатен проектот. Слично и режисерот Арбен Тачи.
„Се уште не се доставени извештаите со образложение за одбивањето, добитните поени и извештајот за оценување од тие што ги читале сценаријата. Јас барем се уште не сум го добил иако резултатите се веќе излезени“, вели Арбен Тачи.
Реагираа и режисерите Антонио Митричевски, Лордан Зафрановиќ и сценаристот Наум Пауновски. Митричевски вели дека “жртва не се авторите, туку делата“, а Зафрановиќ и Пауновски сметаат дека “Агенцијата оневозможи филм за корупциската реалност во која Македонија секојдневно се дави“.
Сите бараат транспарентност од директорот на Агенцијата за филм, Горан Тозија. Да се знаат рецензентите кои одлучувале за филмовите. Но директорот вели дека имињата не се објавуваат за да не се врши притисок врз нив при изборот на филмовите. Тој додава дека не може да финансира повеќе проекти бидејќи Министерството за култура ги скратило средствата.
Инаку, за Тозија постојат сомнежи и за конфликт на интереси и за противзаконска постапка при распределбата на средствата за проекти пред да се објават резултатите. Антикорупциска отворила три постапки и побарала одговорност од Владата.
