Балансерот во минатото беше злоупотребуван, а тоа се гледа и во вработените и во Министерството за јавна администрација чиј процент на етнички заедници надминува 40 проценти, што е предмет на ревизија. Ова го истакна министерот Горан Минчев кој потврди дека балансерот како дигитална алатка ќе биде укинат.
-Имавме случаи каде што етнички Македонци се пишуваа Албанци, имавме случаи каде што етнички Албанци се пишуваа Македонци, имавме случаи каде припадници на други етнички заедници се пишуваа Македонци. Јас тоа можам да го конкретизирам и со случајот актуелен, согласно новата систематизација и бројот на вработени во новото министерство за администрација каде што од вкупниот број на вработени кои што припаѓаат на јавна администрација практично 43 посто се од етничките заедници, изјави Горан Минчев, министер за јавна администрација.
Министерот Минчев најави дека од собраниска процедура се повлекуваат законите за администрација поднесени од претходната власт во скратена процедура. Вели дека тие ќе се доработуваат преку широки јавни дебати.
Закони кои нема да бидат само шминка и декор туку ќе бидат системски и прилагодени за да одговорат на новите предизвици и можности за да имаме професионална, департизирана, но и мотивирана јавна администрација, изјави Горан Минчев, министер за јавна администрација.
Минчев информираше дека веќе имал средби со синдикатите според кои зголемување на платите во администрацијата за 15 проценти не е доволно. Сепак тој призна и дека состојбата со Буџетот е катастрофална и дека поради тоа ќе се бара компромисно решение.
