ЗНАМ ја обвинува СДСМ за сценарио за бојкот на изборите! Мемов: СДСМ подготвува напуштање на Собранието и политичка криза

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Движењето ЗНАМ ја обвинува СДСМ и Венко Филипче за неодговорно и блокирачко однесување во политичките процеси, при што отвора сомнежи дека се подготвува сценарио за напуштање на Собранието и бојкот на парламентарните избори. Според ЗНАМ, овие постапки се поврзани со страв од изборен пораз и обиди за зачувување на контролата во рамките на партијата, додека нагласуваат дека на државата ѝ се потребни стабилност, одговорност и продолжување на европскиот пат.

-Во последните денови сме сведоци на уцени и длабоко неодговорен и деструктивен однос од страна на СДСМ и Венко Филипче, особено во контекст на измените на Законот за Владата. Со овие измени јасно е предвидено дека техничката влада ќе важи за наредните парламентарни избори, а потоа како модел ќе биде укината во иднина, вели Никола Мемов од ЗНАМ.

Јавно прашуваме: од каде произлегува ваквото однесување?

Дали сме сведоци на подготовка на сценарио за целосна блокада на работата на работната група за Изборниот законик? Дали следниот чекор е напуштање на законодавниот дом од страна на пратениците на СДСМ, со крајна цел бојкот на наредните парламентарни избори?– вели Мемов.

По прес-конференцијата на ЗНАМ реагираа од СДСМ, од каде ги обвинуваат ЗНАМ како партија без идеологија, без програма и без јасен политички став, оценувајќи ја како сателит на ВМРО создаден за слабеење на опозицијата, особено на СДСМ.

-ЗНАМ „во моментов“ нема став за законот за забрана на двојно државјанство. Мемов вели дека став ќе има кога ќе заврши внатрешната дебата. Се поставува прашањето колку хипокризија може да собере една партија. ЗНАМ нема идеологија, нема програма, па затоа нема ниту став. Тие не знаат дали се центар или десница. Всушност, не знаат ништо, бидејќи се обична сателитска партија создадена од ВМРО со една цел – да ја разедини и ослаби опозицијата, велат од СДСМ.

Партијата ЗНАМ сè уште нема дадено став за законот за двојно државјанство, а портпаролот на партијата изјави дека ќе се произнесат по завршување на јавната расправа и кога ќе има конечен текст на законот. Воедно, ја повторуваат својата позиција за измени во изборниот систем, предлагајќи 90 пратеници, една изборна единица, изборен праг од 2–3% и промена на финансирањето на политичките партии. Според нив, овие прашања треба да се разгледаат и доколку се отвори Уставот.