Од Зоолошка градина Скопје информираа дека по извршените детални проверки и консултации со домашни и странски експерти, е потврдено дека животното кое вчера беше заловено во скопската населба Козле е волк, а не куче или мешанец.
Како што соопштија од ЗОО Скопје, во текот на денот пристигнале и сопствениците на кучето Сириус од расата чехословачки волчјак, кое го барале повеќе од два месеци. Тие на лице место утврдиле дека не станува збор за нивното милениче, туку за вистински волк, што и самите го потврдиле.
Според информациите од стручните служби, животното не било чипирано, а при мерењето било утврдено дека тежи околу 25 килограми. Од волкот била земена и крв за биохемиска анализа и дополнителни испитувања.
Од ЗОО посочуваат дека станува збор за млад волк, кој е неухранет и недоволно развиен за својата возраст.
Во текот на денот инспектори од Агенција за храна и ветеринарство извршиле увид и, според соопштението, и тие се уверени дека станува збор за волк од видот Canis lupus.
Дополнително, контактирани биле и експерти и институции од повеќе европски центри и резервати за волци, со цел да се обезбеди и меѓународна потврда и стручно мислење.
Од ЗОО Скопје апелираат до јавноста да не се шират шпекулации и дезинформации, туку да се подигне свеста дека дивите животни не треба да се чуваат како домашни миленичиња и тоа во несоодветни услови.
„Скопје ЗОО ќе продолжи внимателно да ја следи здравствената состојба и однесувањето на животното и навремено ќе ја информира јавноста за сите понатамошни информации“, наведуваат од установата.
