Зоран Герасимовски избран за в.д. претседател на Апелациониот суд Скопје

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Судскиот совет на денешната седница го избра судијата Зоран Герасимовски за вршител на должноста претседател на Апелациониот суд Скопје, откако досегашната претседателка Мери Дика беше избрана за судија на Уставниот суд.

За функцијата в.д. претседател на Апелациониот суд Скопје беа предложени судиите Тања Милева и Зоран Герасимовски, а Советот одлучи привремено раководење со судот да му довери на Герасимовски. Истовремено, беше донесена одлука за распишување оглас за избор на нов претседател на Апелациониот суд Скопје.

На седницата беше констатирано и мирување на судиската функција на Мери Дика по нејзиниот избор за член на Уставниот суд.

Судскиот совет го разгледа и барањето на судијата на Основниот суд Охрид, Вулнет Винца, за продолжување на вршењето на судиската функција и по исполнување на условите за старосна пензија, но барањето беше отфрлено поради ненавремено доставување на потребната изјава. Воедно, беше утврдено дека Винца ги исполнува условите за пензионирање.

Бидејќи Винца ја извршуваше и функцијата претседател на Основниот суд Струга, Судскиот совет избра нов в.д. претседател на овој суд. За функцијата беа предложени Танче Петрески, Ндерим Полиси и Соња Ѓонческа, а како привремен раководител беше избран Ндерим Полиси. Беше донесена и одлука за распишување оглас за избор на претседател на Основниот суд Струга.

На седницата беше констатирано и дека судијката на Апелациониот суд Битола, Татјана Сусулевска, ги исполнува условите за старосна пензија.

Во завршниот дел од седницата, Судскиот совет формираше комисии кои ќе спроведат увид и оценка во постапките за избор на претседатели на Апелациониот суд Скопје и Основниот суд Струга.