Зошто Џафероски не е во самоизолација? Директорот на дирекцијата за заштита и спасување исто така бил во Куманово

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Вработени во Дирекција за заштита и спасување кои сакаа да останат анонимни, изразија загриженост во врска со нивниот директор Аднан Џафероски кој продолжил да оди на работа иако и тој на 15 април бил на средбата во Кризниот штаб во Куманово, чиј градоначалник утредента доби позитивен резултат на Ковид-19.

Владините претставници кои беа на оваа средба како Спасовски, Османи, Филипче и Адеми веќе се во домашна изолација, но не и директорот на заштита и спасување, Џафероски. ТВ21 по телефон потврди дека оди на работа во канцеларија и дека не е во домашна изолација.

За тоа што не е во изолација, ТВ21 телефонски се обиде да го праша и претседателот на Комисијата за заразни болести, Жарко Караџовски, но докторот накратко пресече:

„Не можам да ви одговорам на такви прашања! Пријатно!“, рече Караџовски.

A техничкиот премиер, Оливер Спасовски, рече дека според тоа што тој знае, Џафероски се тестирал и бил негативен на Ковид-19.

Од Дирекцијата за заштита и спасување не добивме одговор зошто не е во самоизолација. Од неговата канцеларија утрово ни рекоа дека ќе не контактираат подоцна, но тоа не се случи до завршувањето на оваа сторија.