На три години од истекувањето на мандатот, претседателката Гордана Силјановска Давкова вчера на крајот на работното време го разреши директорот на Агенцијата за разузнавање Еролд Муслиу. Од кабинетот на Силјановска нема образложение зошто и по кој основ е разрешен Муслиу, иако според Законот за Агенцијата за разузнавање јасно е наведено кога престанува функцијата на директорот и кога тој може да биде разрешен пред истекот на мандатот.
„Функцијата на директорот, пред истекот на мандатот, престанува по следниве основи: – на негово барање, – ако трајно ја изгуби способноста за вршење на функцијата или – ако е осуден со правосилна судска одлука за кривично дело кое го прави недостоен за вршење на функцијата. Основи за разрешување на директорот пред истекот на мандатот се: – ако не постапува согласно со закон, – ако нестручно и несовесно ја извршува функцијата или – ако престане да исполнува некој од условите од ставот 1 на овој член.“, стои во соопштението од Агенцијата за разузнавање.
Муслиу обвинува дека претседателката попуштила на партиските притисоци и дека тој потег е спротивен на законската оправданост и мерит системот.
„Очигледно е дека претседателката попушти пред партиските притисоци. Посебно сум разочаран од постапката и начинот кој го избра при моето разрешување, не покажувајќи доблест да се сретнеме на прва информативна средба. Честа е уште поголема и заради фактот што јас сум првиот Албанец во историјата на безбедносно-разузнавачката заедница во нашата држава на кого во 2019 година му беше доверена задача да ја предводи Агенцијата за разузнавање“, изјави Муслиу.
Реагираа од ДУИ од каде велат дека не поминува ниту еден ден без скандалозни дејствија за дефакторизирање на Албанците во РСМ.
„Габриела Јаковлева е нов директор на Агенцијата за разузнавање, додека Ивана Стојановска е избрана за заменик директор на оваа институција. Ова никогаш не се случило од 2001 година. Ваквите одлуки само ја докажуваат инфериорноста на вазалите кои без ниту еден услов и без легитимитет од народот станаа дел од оваа Влада која ќе остане запаметена по враќањето на времето на институционална дискриминација на Албанците како во времето пред 2001 година.“, велат од ДУИ.
Со реакција се јавија и од коалицијата ВРЕДИ од каде ја критикуваат ДУИ дека е лицемерно се однесува во однос на смената на Муслиу.
„Денеска пролеаја крокодилски солзи, а во 2019 година Османи и Груби побараа да се преиспита одлуката на назначувањето на Еролд Муслиу. ДУИ преку Бујар Османи и Артан Груби во 2019 година побараа од тогашниот претседател Стево Пендаровски да јај преиспита одлуката за именувањето на Еролд Муслиу за директор на Агенцијата за разузнавање. Затоа овој крик на ДУИ нема врска со застапеноста на Албанците во институциите, туку затоа што Груби, Бујар, Крешник и компанијата ги загубија привилегиите.“, велат од ВЛЕН.
Од ВМРО-ДПМНЕ пак велат дека некоректно е од Муслиу да говори за професионализам и мерит систем бидејќи, како што тврдат тој работел непрофесионално.
„Човекот од Агенцијата за разузнавање направи партиски штаб на СДС, организирајќи хајки, напади и пресметувајќи се со ВМРО-ДПМНЕ. Муслиу со такво портфолио може да се кандидира единствено за лидер на СДС наместо да рони солзи за негово разрешување. А, за неговото работење доволно говори податокот дека додека Муслиу е директор неговата сопруга со помош на Владата доаѓа до грант од 620.000 евра.“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Покрај Муслиу разрешена е и заменик директорката а на нивно место како директор е назначена Габриела Јаковлева која досега беше во кабинетот на Муслиу, а за заменичка е назначена Ивана Стојановска.
