Зошто луѓето заминуваат од партијата на Таравари? – Заминувања во АА среде реорганизација и оставка на претседателството

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Уште едно лице со важна функција си заминува од партијата АA на Таравари. Организацискиот секретар Гадаф Узаири соопшти дека неговиот пат со Алијансата за Албанците завршува. Заминувањето од партијата Узаири го објави преку статус на Фејсбук.

„Посебна благодарност упатувам до мојот пријател и другар, Арбен Таравари. Иако често не сме биле согласни околу одредени одлуки, меѓусебната доверба и почит никогаш не се разнишале. Мојот пат во Алијансата завршува тука, но мојата душа и срце секогаш ќе останат дел од ова движење.“, порача Гадаф Узаири.

Претходно од овој политички субјект си замина и генералниот секретар Блерант Рамадани, кој во своето соопштение информираше дека на последната седница на претседателството гласал против колективната оставка.

Во однос на тоа зошто луѓето си заминуваат, Таравари за ТВ21 изјави:

„Гадаф беше на собранието и таму побара да паузира одреден период од политичките активности, но со срце и душа и натаму останува со АА. Инаку, секојдневно ни се приклучуваат многу нови кадри и луѓе, кои треба да бидат носители на идните активности на Алијансата за Албанците. АА е позната како генератор на добри политички кадри и така ќе продолжиме и во иднина.“, вели Арбен Таравари.

Инаку, во неделата на 15 јануари целото претседателство на АА поднесе оставка, со цел, како што изјави Таравари, да започне реорганизација на партијата и на конгресот да се избере ново раководство, давајќи простор на новата генерација.