Пред нешто повеќе од месец дена, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во гостувањето во емисијата Клик Плус, порача дека доколку не победат на изборите, тогаш тој ќе се повлече од функцијата.
Иако на 15 јули, ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, не победи, односно освои два пратенички мандати помалку од СДСМ, сепак Мицкоски засега молчи околу даденото ветување. Причината за ова е тоа што сите во неговата партија се убедени дека на овие избори победило ВМРО-ДПМНЕ, а не СДСМ.
Поинаков став има Емилија Александрова, пратеничка и поранешна членка на ВМРО-ДПМНЕ, која беше исклучена од партијата поради тоа што даде поддршка за уставните измени. Таа вели дека очекувала ваков резултат за ВМРО-ДПМНЕ на изборите. Рекламните спотови биле направени само за гласачкото тело на партијата, но не и за неопределените гласачи.
Aко Мицкоски смета дека победил на изборите и поради тоа не сака да поднесе оставка, тогаш неговата оставка може да се очекува во друг момент, односно ако не успее да ја формира новата Влада. Мицкоски на претседателската функција во партијата стапи на 23 декември во 2017-та година. Претходно ја извршуваше функцијата Генерален секретар.
