Пред речиси два месеца го испрати во притвор некогаш најмоќниот човек, Сашо Мијалков. А за Мијалков бараше максимална казна за незаконските прислушувања. Обвинителката Ленче Ристовска го застапуваше најголемиот предмет на поранешното СЈО, Таргет-Тврдина.
Но за разлика од нејзините колеги, Фатиме Фетаи и Бурим Рустеми, таа не беше избрана за виш обвинител. За ваквата одлука на Советот, обвинителката Ристовска рече дека е разочарана. Таа вели дека Советот требало барем, да даде образложение зошто не ја избрал.
„Останувам на тоа што го изјавив вчера и уште еднаш би сакала да ја потенцирам неопходноста од поголема транспарентност при изборот на јавните обвинители, поткрепена со образложение на одлуките на секој од членовите на советот поединечно“, рече Ристовска.
ТВ21 го праша претседателот на Советот на обвинители зошто токму Ленче Ристовска не е избрана за виш обвинител. Колевски рече дека секој член на Советот носи независна одлука.
„Јас отворив дискусија на седницата дали некој од членовите на Советот сака да зборува, никој не побара збор. Секој член е слободен да одлучува врз основа на своите ставови и информации, но никој не побара збор. Исто така имаше и обвинители со повеќе искуство кои застапувале тешки предмети, но имаше и од нив кои не беа избрани за виши обвинители“, истакна Ацо Колевски, претседател на Советот на обвинители.
Освен Фетаи и Рустеми, за виши обвинители се избрани Наум Пановски, Сашо Трајчев, и Снежана Георгиевска, која стана позната во случајот Млечен а која беше обвинувана за пристрасно дејствување. Во врска со нејзиното промовирање реагираше сопругата на Гоце Димитриевски кој животот го загуби во сообраќајна несреќа.
„Советот на ЈО наместо да ја разреши, казни обвинителката Снежана Бундалевска – Георгиевска за случајот кај Млечен, затоа што му помогна на Васил, тие ја наградија и ја избраа за Виш ЈО, за да може поубаво да цвета корупцијата. СРАМОТА!!!“, посочи Наташа Димитриевска.
Вчера Советот на обвинители, колегите на Ристевска, Трајче Пеливанов и Артан Ајро ги избра за обвинители за следење организиран криминал и корупција.
