Со 67 гласови За и 13 против Собранието го избра Зулфиќар Зејнула за министер без ресор. Изборот на Зејнула беше одвоен од другите членови на владиниот кабинет поради тоа што со него заедно реконструкцијата на Владата ќе го надминеше прагот од една третина од владиниот кабинет, по што ќе мораше да се примени процедури како за избор на нова Влада. Премиерот Христијан Мицкоски образложувајќи го предлогот за избор на Зејнула рече дека зрелоста на Владата се гледа во отвореноста на институциите за сите што имаат знаење, капацитет и искрена намера да придонесат.
„Денес пред вас не барам поддршка само за еден кандидат, барам поддршка за принципот дека институциите треба да ги водат луѓе кои можат да понесат одговорност, да носат одлуки и да работат во интерес на сите граѓани без разлика на нивната етничка или политичка припадност“, вели Христијан Мицкоски.
Опозицијата која не го поддржа предлогот со остри критики за именувањето на Зејнула за министер без ресор. Скендер Реџепи критикуваше дека се работи за министерства за бурек и ајран.
„Турската заедница е прегазена две и пол години во оваа држава од оваа власт и денес во времето кога треба турската заедница да се факторизира зема едно министерство без ресор. Знаете што е ова, ВЛЕН има едно министерство со ресор кое се вика министерство за бурек, турската заедница сега има едно министерство без ресор кое се вика како министерство за ајран и тие заедно ќе се комбинираат“, вели Скендер Реџепи..
Од СДСМ образложија дека нивното гласање против Зејнула како министер без ресор е поради тоа што неговиот избор нема да промени ништо, туку ќе биде само министер за Бадентер.
„Тука се поставува прашањето, ако е заради претставеноста на Турците зошто од самиот старт немавме министер во Владата? Ако е министер за Бадентер, тогаш еве мора да го прифатиме и тоа дека ова е министер за Бадентер а не за претставеност на Турците“, вели Оливер Спасовски.
Новиот министер без ресор Зулфиќар Зејнула е претседател на Демократската партија на Турците која неодамна премина во коалиција со владејачката ВМРО-ДПМНЕ, откако претходно го напушти Европскиот фронт. Со ова и пратеникот од редовите на Демократската партија на Турците Бејџан Илјас се приклучи на редовите на владејачкото мнозинство со што бројот на пратениците на мнозинството се зголеми за уште еден пратеник.
